Почина Кит Флинт, вокалистот на „Продиџи“

Вокалистот на познатиот британски бенд „Продиџи“, Кит Флинт е пронајден мртов во неговиот дом во Есекс, пренесуваат британските медиуми. Веста за смртта на 49-годишниот музичар ја потврдија и од бендот.

„Со огромна тага ви ја потврдуваме смртта на нашиот брат и најдобар пријател Кит Флинт. Вистински пионер, иноватор и легенда. Засекогаш ќе ни недостасува“, пишува во соопштението од групата.

Со неговиот панк-стил, бројни пирсови и шилеста коса, Флинт стана еден од најиконичните британски музички фигури во деведесеттите. Тој им се придружи на „Продиџи“ како танчер, а подоцна стана и фронтмен заедно со раперот Максим. Покрај првенчето од 1992 година, сите седум албуми на групата го освоија првото место во Велика Британија, вклучувајќи го и последниот „No Tourists“, објавен во ноември 2018.

Флинт ги отпеа најпознатите синглови на „Продиџи“ – „Firestarter“ и „Breathe“ – кои се искачија на 1. место во 1996, а првата стана и најголемиот хит во САД, воедно придонесувајќи за популаризација на денс-музиката во земјата.

„Продиџи“ (The Prodigy) се враќаат со „Need Some1“

По пауза од три години откако го објавија изданието „The Day Is My Enemy“, британскиот електронски бенд „Продиџи“ се враќа на сцената со нов сингл. Станува збор за темата „Need Some1“, кој воедно е најава за седмиот студиски албум на бендот што ќе го носи насловот „No Tourists“ и е закажан за 2 ноември.