Александар Галоски со ремикс на новиот хит на Шон Мендез и Камила Кабејо

Неодамна објавениот дует на канадската ѕвезда Шон Мендез и кубанско-американската колешка Камила Кабејо си доби македонски ремикс. Станува збор за темата насловена „Señorita“, која сега е преточена и низ музичката призма на еден од нашите најуспешни диџеи и продуценти – Александар Галоски, познат само како Галоски, и неговиот српски колега Песто.

Талентираниот тетовец е и еден од најзафатените македонски диџеи, со настапи и гостувања ширум целиот свет, а особено впечатлив беше настапот во Токио, каде што ја „збесна“ публиката. Освен што ја дели сцената и добива поддршка од имиња како што се Армин Ван Бјурен, Дејвид Гета, Афроџек и Хардвел, Галоски има потпишано и договори со нивните издавачки куќи, од кои најновиот е со „Спинин рекордс“.

Advertisements

„Сирилик“ со неверојатен ремикс на евровизиската „Proud“

Секогаш е интересно да се слушне како музичарите ги преработуваат и им го менуваат „ликот“ на песните од своите колеги, преместувајќи ги во сосема нов жанр и давајќи им свој печат, а токму тоа го направи прилепското дуо „Сирилик“ со евровизиската балада Proud“ на Тамара Тодевска.

Талентираните музичари сè повеќе се активни и со авторска музика и хитови како што се „Во тебе се гледам“со Дина Јашари и актуелниот „Доволни“ со Валери, но одлично се снаоѓаат и со ремиксите, а овој најновиов само дополнително ќе ја зголеми армијата следбеници, и нивната и на Тамара.

Песната која беше победник според гласовите на жиријата и во втората полуфинална вечер и во финалето, претходно доби ремикс-изданија и од белградскиот диџеј и продуцент Грамофонџие, како и од Роберт Билбилов, кој воедно е дел и од авторскиот тим на оригиналната верзија, а како звучи „Proud“ низ призмата на „Сирилик“, дознајте во продолжение. Уживајте!

Tamara Todevska – Proud (Cyrillic Remix)

 

 

Тасев и Дос со заеднички ремикс на „Mind If I Stay“ од „Kadebostany“

Штипскиот диџеј и продуцент Тасев. го претстави својот нов ремикс на темата „Mind If I Stay“ од швајцарскиот бенд „Кадебостани“ (Kadebostany). Тој овој пат ги здружи силите со колегата Самир Далипи, познат како Дос (Doss), а како звучи нивното заедничко дело слушнете во продолжение. Уживајте!