Го имавме можеби најдобриот настап но за 12-то место, победи Полска на детскиот Евросонг

3.jpg

Во арената „Минск“ во белоруската престолнина денеска се одржа 16. издание на детската Евровизија, во чии рамки се натпреваруваа рекорден број од 20 земји. Нашата земја, која учествува во натпреварот од самиот почеток во 2003 година, овој пат ја претставуваше 13-годишната Марија Спасовска со песната „Дома“, потпишана од авторите Дарко Димитов и Елена Ристеска.

Емотивната балада беше меѓу омилените на евровизиските обожаватели, но сепак не успеа да добие доволно поддршка за да победи на фестивалот, ниту да го собори досегашниот рекорд од највисокото освоено 5. место (2007 и 2008). Имено, нашата Дома“ од стручните жирија доби 64 поени, а од публиката 35, така што со вкупниот збир од 99 поени го освои 12. место, што за нашата земја е дури осми пат да заврши на оваа позиција, од вкупно 14-те учества на фестивалот.

Од стручните жирија Македонија ги доби следните поени: по еден поен од Русија, Белорусија и од Италија, по два поена добивме од Украина и Австралија, 4 поени од Велс, 5 од Ерменија, по 7 од Франција и Полска, 10 поени од Албанија и со по максимални 12 поени нè наградија Србија и Казакстан. Македонското жири, пак, своите гласови ги даде за: Албанија (1), Србија (2), Полска (3), Малта (4), Грузија (5), Франција (6), Австралија (7), Казакстан (8), Украина (10) и Италија (12).

Откако беа објавени гласовите од жирија, на ред дојдоа оние од публиката, која гласаше онлајн изминативе два дена. Милионите гласови од гледачите беа претворени во поени, започнувајќи од дваесетина до над сто, така што неизвесноста беше голема до самиот крај, кога победата ја понесе полската претставничка Роксана Венгиел, чија песна „Anyone I Want To Be“ освои вкупно 215 поени.

Advertisements

Марија Спасовска со прекрасната балада „Дома“ ќе ги брани боите на нашата земја на детскиот Евросонг

„Секое дете заслужува топол дом“, порачува Марија Спасовска со прекрасната балада „Дома“, песна со која ќе ги брани боите на нашата земја на детскиот Евросонг, чие 16. издание ќе се одржи следниот месец во белоруската престолнина Минск. За овој прв евровизиски предизвик, 13-годишната надежна пејачка ги здружи силите со еден од нашите најдобри автори со богато искуство на овој фестивал – композиторот и продуцент Дарко Димитров, како и со својата постара колешка и наша евровизиска претставничка со најдобар пласман досега – Елена Ристеска, чиј потпис како коавтор стои на стиховите.

Marija Spasovska – Doma – Official Video – Junior Eurovision Song Contest 2018 HD

Погледнете го настапот на нашата Мина Блажев на детската Евровизија

Мина Блажев оваа година ја претстави Македонија на детската Евровизија. 14-годишната пејачка ја освои сцената во Тбилиси, Грузија, со песната „Dancing Through Life“.

Младата пејачка имаше одличен настап на евровизиската сцена, а според гласовите и од стручното жири и од публиката, нејзината песна се пласираше на 12. место, што воедно е седми пат за Македонија да го има овој пласман.

Погледнете ја првата проба на Мина за детската „Евровизија“

На 26 ноември, во главниот град на Грузија ќе се одржи јубилејното, 15. по ред издание на детската „Евровизија“, во чии рамки ќе се натпреваруваат вкупно 16 земји, вклучувајќи ја и Македонија. Како што е познато, нашата претставничка годинава е талентираната Мина Блажев, која ќе се натпреварува со песната „Dancing Through Life“, а сега имаме можност да видиме како ќе изгледа и звучи сето тоа на сцената во Олимписката палата во Тбилиси, благодарение на снимките од првата генерална проба.

Мина Блажев ќе нè претставува на детскиот Евросонг со „Dancing Through Life“

Во рамките на емисијата „Стисни плеј“ на МРТ денеска премиерно беше прикажана песната „Dancing Through Life“, со која талентираната Мина Блажев ќе нè претставува на годинешното јубилејно, 15. по ред издание на детската Евровизија што ќе се одржи на 26 ноември во грузиската престолнина Тбилиси.

И овој пат комплетен автор на песната е композиторот и продуцент Александар Масевски, а стиховите се отпеани на македонски и на англиски. Потенцијалниот хит е спакуван со одлично видео, а како изгледа и звучи сето тоа можете да погледнете горе.

MINA BLAZEV – DANCING THROUGH LIFE – F.Y.R. MACEDONIA 🇲🇰 – OFFICIAL MUSIC VIDEO – JESC 2017