Втората сезона на „Фамилијата Марковски“ премиерно на Сараевскиот филмски фестивал

Првите две епизоди од втората сезона од ТВ-серијата „Фамилијата Марковски“ на 22 август (четврток) премиерно ќе бидат прикажани на годинешното јубилејно издание на Сараевскиот филмски фестивал. Првата сезона македонската серија ја имаше во 2017 и наиде на позитивни критики и популарност кај публиката.

„Со самото тоа што новата сезона ќе биде дел од една ваква селекција, на реномиран филмски фестивал како што е Сараевскиот, значи признание за нас, како и за модерната македонска телевизиска продукција. Серијата, секако, ќе се прикажува и во нашата земја, но со оглед дека сè уште се прецизираат деталите, информациите ќе ги објавиме набргу“, велат од продукцијата „Арт проект лаб“, која стои зад серијата „Марковски“.

Премиерно прикажана во 2017, со иницијални осум епизоди, „Фамилијата Марковски“ во фокусот го има секојдневието на едно просечно семејство, чии случувања се рефлексија на актуелното македонско општество. Главните улоги ги толкуваат Александар Микиќ, Силвија Стојановска, Владимир Петровиќ, Тамара Ристоска и Петар Петковски. Режисер на серијата е Даријан Пејовски. Втората сезона е составена од нови осум епизоди и ќе се емитува од есен.

Advertisements