Огномет и спектакл, Дино Мерлин пееше пред 60.000 луѓе во Скопје за Нова година

Со концертот на Дино Мерлин и спектакуларен огномет на полноќ, над 60.000 луѓе од земјава и од странство ја дочекаа Новата 2020 година на плоштадот „Македонија“ во Скопје.

Веселата атмосфера почна уште во 20:30 часот со настапот на музичките групи Gypsy Groove и „Суперхикс“, кои ја загрејаа атмосферата пред Мерлин да излезе на сцената. Тој ги испеа своите најголеми хитови и уште еднаш покажа зошто е толку голема ѕвезда на Балканот, со кариера што трае повеќе од 3 децении.

Организатор на новогодишната забава беше Град Скопје. Тие во текот на месец декември на плоштадот „Македонија“ секојдневно организираа и концерти за граѓаните на „Винтерленд“, поставен пред ГТЦ. Во јавноста се коментираше дека ова е една од најубаво организираните нови години кај нас, а дека Скопје овојпат личеше на големите светски метрополи.

Дино Мерлин до Македонците: Зачувајте го Сонцето на вашето знаме!

За време на претставувањето на новиот документарен филм „Средина“, приказна посветена на мега популарниот балкански поп пејач Един Дервишалидовиќ или попознат кај нас како Дино Мерлин, славниот пејач на крајот одвои неколку минути и упати порака до сите Македонци по повод актуелната состојба во нашата држава.

“Доколку Македонците ме гледаат вечерва, сакам да им порачам да ја сочуваат почитта и разбирањето помеѓу себе, да го сочуваат тоа Сонце кое е на нивното знаме, да не дозволат Сонцето на Македонското знаме никогаш да згасне, вечно да сјае, тие луѓе да пронајдат разум, да дадат се од себе никогаш да не дојде до најлошото” – порача славниот Дино Мерлин.