Македонската актерска ѕвезда од филмот „Исцелител“, Благој Веселинов, за време на филмскиот фестивал во Берлин му беше врачена наградата „Ѕвезда во подем“, која им се доделува на повеќемина млади актери од Европа.
Наградите им ги врачија членовите на овогодишното жири за оваа програма, режисерката Теона Стругар-Митевска и актерот Ингвар Сигурдсон (Исланд).
Берлинскиот филмски фестивал во рамките на „Европски ѕвезди во подем“ промовираше пет актерки и пет актери од Европа, меѓу кои е и нашиот Веселинов. Целта на програмата е на актерите да им се овозможи полесна соработка и запознавање со кастинг-директори, продуценти и останати филмски работници. Ова е уникатна можност Веселинов да оствари лични контакти со видни професионалци од областа на европската кинематографија.